Corner Соопштенија

10 декември - Ден на човековите права 10 Декември 2013

Денес се одбележуваат 65 години од  усвојување на Универзалната декларација за човекови права донесена во 1948 година и 20 години од воспоставувањето на телото Висок комесар за човекови права при Обединетите нации. Во денешното соопштение на ООН се повикува на вложување заеднички напори за исполнување на колективната одговорност за промоција и заштита на правата и достоинството на сите луѓе во светот. Во Република Македонија, и покрај воспоставените норми и тела за овозможување на целосно уживање на човековите права, сè уште опстојува проблемот со нивно нецелосно исполнување односно неефективна заштита. Денес потсетуваме на три области во кои проблемите со човековите права опстојуваат или е забележано нивно дополнително влошување:

1. Право на изразување и слобода на медиуми

Наместо промоција и заштита на правото на изразување и слобода на медиумите, државата преку политички и финансиски притисок продолжува да се вмешува во уредувачката политика на голем број медиуми. Покрај со уредувачката цензура, новинарите се соочени и со самоцензура поради зголемениот страв од тужби за навреда и клевета од страна на политички функционери. Ваквата состојба неминовно води кон снижување на професионалните стандарди и пристрасно информирање на граѓаните. Во 2013 година, особено загрижува притворањето на новинари на кои им се суди за новинарски текстови.

2. Судска заштита

Иако во последните неколку години беа спроведени сеопфатни реформи во судството, тоа сè уште не успеа да ја стекне довербата кај граѓаните. Независноста и непристрасноста на судиите не е обезбедена, а сомненијата за политичко влијание произлегуваат од начинот на именување и напредување на судиите, големиот број на судења зад затворени врати и неуспехот да се заштити пресумпцијата на невиност често повредувана од извршната власт. 

3. Дискриминација

Дискриминацијата врз основа на раса, политичка припадност и сексуална ориентација е широко распространета и не постојат ефективни механизми за нејзино спречување. Ромите се дискриминирани во скоро сите области на општественото живеење, а во последните неколку години колективно им се ускратува основното човеково право на движење и напуштање на државата. Вработувањата и напредувањето во државната и јавната администрација зависат од политичката припадност на кандидатите, а ЛГБТ заедницата се соочува со административни  и судски пречки во остварувањето на основните права, но и со физичко насилство кое не се истражува поради што насилницте остануваат непознати и неказнети.

Соопштението можете да го преземете на следниов линк


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo