Corner Соопштенија

Меѓународен ден за борба против насилство врз жените 25 Ноември 2013

Насилството врз жените претставува сериозна повреда на човековите права што феноменолошки се  манифестира како резултат на дискриминаторски третман односно нееднаквост помеѓу мажите и жените.  

Ценејќи ја потребата од посебна заштита на жените од овој вид насилство, Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуција 54/134 на 17. декември 1999 година, го утврди 25. Ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, на што претходеше Декларацијата за борба против насилство врз жените од 20. декември 1993 година.

И покрај фактот дека насилството врз жените е глобална пандемија и околу 70 проценти од жените доживеале насилство во нивниот живот, во Република Македонија се пренебрегнуваат фактите и не се обрнува потребното внимание за подобрување на состојбите од аспект на негово спречување и заштита на жртвите. За ова говори фактот дека жените - жртви на родово базирано насилство не ја добиваат соодветната заштита од институциите надлежни да ја пружат таа заштита. Овој вид на насилство кај нас најчесто се случува во рамки на семејството и поради тоа се изедначува со семејно насилство, иако тоа е само една од формите низ кое се манифестира.

И покрај изменетата законска регулатива, правилниците и протоколите за работа, сепак во РМ  механизмот на превенција и заштита на жените жртви на насилство во пракса не дава видлив и ефективен резултат  односно соодветна заштита  на жртвите и гонење на сторителите.

Уште при самото пријавување на насилството во полиција, во центрите за социјална работа и здравствените установи и минувајќи низ лавиринтите на системот, жртвите стануваат по втор пат жртви  Имено, полициските службеници кои првично се повикани да реагираат, многу често не се сензибилизирани ниту обучени за проблематиката и пријавите ги нотираат по своја лична проценка и убедување, а најчесто како  „нарушување на јавниот ред и мир“ со што го минимизираат стореното кривично дело. Од друга страна пак Центрите за социјална работа  со нивниот слаб капацитет и мали ресурси, не се во состојба квалитетно и навремено да одговорат на пријавите на жртвите, особено не надвор од работното време. Насилството не се случува во „определено работно време“, а непостоењето на дежурни служби за соодветна и навремена реакција е еден од најгорливите проблеми кај нас.

Згрижувањето на жртвите во шелтер –центрите претставува дополнителен проблем, бидејќи нивниот број се намалува, а во повеќето градови низ државата воопшто и не постојат шелтер-центри, односно засолништа за привремено згрижување на жртвите на насилство.  Двојната виктимизација на жртвите особено се чуствува при постојаното повторување на настанот пред различни институции, што понатаму води кон „обележување“ на жртвата во  средината во која живее и понатаму срамот ја одвраќа и обесхрабрува да води понатамошна постапка пред институциите. 

Хелсиншкиот комитет потсетува дека Република Македонија е потписничка на Конвенцијата на Советот на Европа (Истанбулска конвенција) за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство, која за прв пат во Европа утврдува правно обврзувачки стандарди за спречување на насилство врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, за заштита на жртвите и казнување на сторителите. 

Годинешното одбележување на 25 ноември воедно претставува и апел до Владата и Собранието на РМ за поскоро ратификување на Истанбулската конвенција и прилагодување на домашната регулатива во согласност со одредбите на Конвенцијата.


Обраќање на Бан Ки-мун, Генерален секретар на Обединетите Нации


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo