Corner Соопштенија

Осуда на етнички базираното насилство 15 Ноември 2013

Хелсиншкиот комитет повикува на брза реакција од страна на надлежните институции по повод вчерашниот напад над малолетни граѓани од македонската етничка заедница во автобус бр. 65 од страна на маскирана група во скопско Стајковци кој ја вознемири јавноста. Особено загрижуваат вестите за реакцијата на месното население и основите за меѓусебни судири и одмазда на етничка основа помеѓу македонската и албанската етничка заедница.  Овие податоци укажуваат на меѓуетнички пресметки кои би можеле потенцијално да ескалираат во насилство од поголеми размери помеѓу граѓаните во овој дел на Скопје. 

Хелсиншкиот комитет во изминатиот период во повеќе наврати алармираше во јавноста и до институциите за зачестеноста на меѓуетничките пресметки помеѓу младите луѓе, како и за занемарувањето на овој факт од страна на надлежните институции, особено бидејќи станува збор за инциденти и злосторства сторени од омраза на етничка и религиска основа. 

Особено загрижува тоа што станува збор за четврт случај за две недели, каде физички се пресметуваат младите од различни етнички групи. Комитетот ги истражува случаите на насилство базирано на етничка и религиозна основа во изминатите 9 месеци и констатира дека истите се случуваат поради етничката нетрпеливост и нарушените етнички односи кај помладата популација. Кај овие злосторства е забележан драстичен пораст или поточно во последните девет месеци евидентирани се повеќе од 90 инциденти и физички пресметки на етничка основа. 

Хелсиншкиот комитет укажува на потребата, одговорните институции да го променат „наивниот пристап“ во постапувањето по овие инциденти и јавно да известуваат колку од нив добиваат епилог, односно колку од насилниците се познати и достапни на органите на прогонот и колку од инцидентите добиваат судска завршница. Ефективноста на постапките е важен сегмент во спречувањето насилството кое стана секојдневие на улиците, а граѓаните да живеат во постојан страв и несигурност за својата и безбедноста на своите деца.

Комитетот со жалење констатира дека веќе подолг временски период насилството не се санкционира и станува алатка за пресметување на младите особено во јавниот простор. Поради горенаведните причини, утрешниот Марш на толеранција ќе биде посветен токму на барање од Владата и институциите да го спречат насилството и да им овозможат на граѓаните право на живот ослободен од насилство од било каков вид. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo