Corner Соопштенија

Поднесена кривична пријава за расна дискриминација кон Ромите во случајот „Скопје сити мол“ 19 Јули 2013

Мрежата за заштита од дискриминација вчера, 18 јули 2013 година, до Основното jавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против СКОПЈЕ СИТИ МОЛ и одговорните лица во овој трговски центар, поради постоење на основано сомнение дека го сториле кривичното дело Расна и друга дискриминација. Кривичната пријава е поднесена со цел да се спроведе истрага за конкретниот случај, да се истражи вистинитоста на наводите за сторена дискриминација врз основа на расна и етничка припадност, да се покрене постапка пред надлежен суд со цел казнување на сторителот на кривичното дело.

Иако од денот кога за случајот СКОПЈЕ СИТИ МОЛ се дозна преку медиумите, (19.03.2013 година) до денеска изминаа скоро 4 месеци, во јавноста сѐ уште нема одговор дали јавното обвинителство го истражи случајот и поведе постапка со која би се утврдило сторувањето на наводната дискриминација.

Мрежата за заштита од дискримнација, со соопштението од 22 март, остро го осуди настанот во трговскиот центар СКОПЈЕ СИТИ МОЛ, чие раководство преку електронска пошта испратена до фирмата „Ланд сервис“, на 9-ти Јануари 2013 година, побара лицата припадници на ромската заедница да не бидат ангажирани на работни задачи за одржување на хигиената во одделот за храна. Потенциравме дека надлежните институции, вклучително и јавното обвинителство, треба да го истражат овој случај, поради тоа што постојат сериозни сомневања дека од страна на одговорните лица во СКОПЈЕ СИТИ МОЛ е сторена директна диксриминација врз расна и етничка основа со која се повредува личниот и моралниот интегритет, достоинството и угледот на лицата Роми, вработени во „Ланд сервис“ и нивната приватност и правото на достапност на секое работно место под еднакви услови.

Исто така, сакаме да истакнеме дека институциите надлежни за утврдување на дискриминација во конкретни случаи имаат обврска да ги следат и почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права (Судот). Имено, Судот е особено ригиден во поглед на дискриминацијата врз основа на раса или етничка припадност и наведува: „разликата во третманот која исклучиво или во пресудна мера се заснова на етничкото потекло на едно лице не може да биде објективно оправдана во едно современо демократско општество кое е изградено врз начелата на плурализам и почитување на различните култури.“

Покрај барањето до јавното обвинителство за спроведување истрага и за поведување судска постапка, Мрежата упатува барање за постапување и до Комисијата за заштита од дискриминација, која треба да ја извести јавноста дали има поведено постапка за утврдување на дискриминација и каков е исходот од постапката.


*Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС - Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКА.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo