Corner Соопштенија

Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура 26 Јуни 2013

Денес, 26 јуни, се одбележува меѓународниот ден за поддршка на жртивте од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување. И покрај апсолутната забрана за овој вид на тешко кривично дело, тортурата како глобален феномен опстојува и до денешен ден, а во голем број на држави се уште е присутен феноменот на неказнување на сторителите. Овогодинешниот фокус на меѓународните организации е насочен кон правото на рехабилитација на жртвите на тортура. Државите се обврзани да го обезбедат остварувањето на ова право кое опфаќа медицинска, психолошка и социјална поддршка, како и право на пристап до правдата и соодветно обесштетување. 

За жал, мачењето, суровото, нечовечното и понижувачко постапување и казнување се присутни и во Република Македонија. Минатата година, Европскиот суд за човекови права и слободи преку две пресуди (Ѓорѓиев против РМ и Ел Масри против РМ) утврди дека Република Македонија пропуштила да спроведе ефективна истрага околу наводите на жалителите. Поради таа причина, Македонија е прогласена за виновна заради неутврдување на фактите, неидентификување на сторителите и нивно неказнување.

Заштитата од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување е една од главните области во која Хелсиншкиот комитет делува преку алармирање на јавноста, обезбедување на бесплатна правна помош за жртвите и набљудување на судски постапки во кои како обвинети се јавуваат службени лица. Во изминативе неколку години до Комитетот се поднесени десетици претставки од граѓани кои се пожалиле на психичка и физичка тортура од страна на полицијата. Дел од овие овие граѓани се приведени или осудени лица кои биле подложени на тортура во затворени институции (полициски станици, притвори, затвори и психијатриски установи), далеку од очите на јавноста. Сепак, не се непознати и случаи на тортура од страна на полициски службеници кои злоупотребувајќи ја службената должност, на брутален начин ги повредиле основните права и слободи на граѓаните во нивните домови или на јавно место.

Хелсиншкиот комитет се приклучува кон одбележувањето на овој меѓународен ден и упатува порака до властите да спроведат политика на нулта толеранција за акти на тортура од страна на службени лица. Крајно време е да се соочиме со феноменот на неказнивост и солидаризирање на Јавното обвинителство и судството со полицијата. Главниот фокус мора да се насочи кон жртвите на тортура за кои државата се уште не обезбедува соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка. За постигнување на оваа цел, Комитетот апелира најитно да се имплементира ЕУ Директивата 2012/29 за воспостувавуање на минимум стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на криминал.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo