Corner Соопштенија

8 април, Mеѓународен ден на Ромите 08 Април 2013

Денес се одбележува меѓународниот ден на Ромите со што се потсетува на повеќе децениската борба за подобар и подостоинсвен живот на оваа група луѓе. Како во многу држави во кои живеат Роми така и во Република Македонија оваа заедница сеуште се наоѓа на маргините, исклучена од општествените процеси. Исклучувањето не е случајно, сепак Ромите се една од најранливите општествени групи кои се соочуват со дискриминација и гетоизација која влијае негативно на инклузивните процеси, се ограничува нивниот прогрес и изедначување со останатите општествени групи.


На денешниот ден, фокусот на меѓународните организации (владини и невладини) е свртен кон условите за животна Ромите со особен акцент на правото на домување. Имено, Ромите во Република Македонија во најголем дел живеат во определени општини, исклучени од остатокот на заедниците кои гравитираат во нивната околина соочувајќи се' со предрасуди и стереотипи кои го обесхрабруваат потенцијалниот раст и развој на младите генерации. 

И покрај тоа што денес на секаде во светот се слави ромската култура, сепак денешниот ден има за цел и да потсети на  условите, статусот и правата кои им се нарушени, а воедно да послужи како апел до сите држави во светот да го дадат својот максимум за зајакнување на ромската заедница, поголема вклученост, како и еднаков пристап кон правата кои им се загарантирани. Ромите во Република Македонија се соочуваат со лимитиран пристап до правата за домување, образование, здравје и здравствена заштита, дискриминација по основ на боја на кожа  и други форми на дискриминација.

Хелсиншкиот комитет и оваа година како и изминатите, добива случаи за прекршување на човековите права и слободи на припадници од ромска националност. Во голем дел претставките до Комитетот се однесуваат на висок степен на дискриминација со која се соочува оваа група на граѓани на граничните премини при обиди да излезе од територијата на Република Македонија. Имајќи во предвид дека станува збор за една од најсиромашните општествени групи, нивната желба за подобар живот не е случајна како ниту нивните обиди за мигрирање во други држави особено држави-членки на Европската Унија.

Претставките што се доставуваатдо Хелсиншкиот комитет од страна на ромската заедница во најголем дел се однесуваат на остварување на правото на образование но се регистрирани и случаи на физичко насилство извршено врз деца од ромска националност. Неизостануваат ниту претставки кои се однесуваат на наставниот кадар во образовните установи во државата и нивниот однос кон децата од ромската националност. Исто така, загрижува и понатаму високиот процент на деца од оваа етничка заедница коипосетуваат образовни  установи за деца со интелектуална попреченост иако голем дел од нив се неправилно и незаконски распоредувани во овие установи. Во тој поглед, Комитетот особено апелира до образовниот кадар и надлежните институции да работат во насока на пошироко прифаќање на ромите како еднакви граѓани во достоинството и правата што согласно Уставот и законите на Република Македонија им се загарантирани. Воедно, ги повикуваме надлежните институции да ги променати подобрат условите за живот и домување, како и да ја прекинат децениската сегрегација на Ромите со цел нивно целосно интегрирање во општеството. 

Оваа препорака се однесува на потребата од целосно имплементирање на предвидените стратегии и акциони планови кои произлегуваат од Националната стратегија за Ромите во Република Македонија како дел од светската заложба за унапредување на правата на ромите попозната како Декада на Ромите- 2005-2015 година. Декларативните заложби за подобрување на статусот на Ромите во Република Македонија мора да преминат во конкретни акции,мерки и зголемување на средства за реализација на предвидените стратегии со цел целосно интегрирање на ромите но и нивно охрабрување активно да се вклучат во заложбите и борбата за своите права. 

Хелсиншкиот комитет би сакал да им го честита меѓународниот ден на сите луѓе од ромска националност во Република Македонија и воедно  да ги охрабри да продолжат да се борат во насока на подобрување на општествениот статус и целосна интеграција во општеството како луѓе еднакви во достоинство и права.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo